a

 

 

          Првите пионери на македонскиот филм - Браќата Манаки

 

            Пионерите на македонскиот филм, Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964) Манаки се родени во малото влашко село Авдела. Иако двајцата имале различен карактер и темперамент, сепак целиот свој живот соработувале блиску и успеале да создадат хармонична унија со комплементирањето еден на друг и во фотографската и во кинематографската работа. Нивната прва професионална љубов била фотографијата. Во 1898 год., Јанаки отворил фотографско студио во Јанина, каде што работел како учител по калиграфија и цртање во средното трговско училиште. Истата година, Милтон му се придружил и започнал да го проучува фотографирањето. Со својата љубопитност тој успева да го совлада и да го усоврши фотографирањето.

 

Милтон и Јанаки Манаки

 

            Во 1904 година, браќата Манаки се преселуваат во Битола, кој во тоа време бил важен политички, економски и културен центар на Балканот. Една година подоцна, го отвараат нивното атеље за фотографска уметност. Во 1906 година, по покана на кралот Карол I, тие учествуваат на светска ексибиција на фотографии во Синај, Романија, каде го освојуваат златниот медал за нивната колекција. Подоцна, тие стануваат официјални фотографери на султанот, а во 1929 и на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Искуството со фотограферската камера му послужила како подготовка за работата со филмската камера.

            Живеејќи во времето на транзиција од 19 во 20 век, периодот на Илинденското востание, Балканските војни и Првата светска војна, развивањето на Битлоа како конзулатен и воен центар на турската империја, браќата Манаки помогнале да се овековечат ваквите историски настани.  

            Според мемоарите на Милтон Манаки, во 1905 година неговиот постар брат патувал низ повеќе европски главни градови. Во Лондон тој ја купил филмската камера Bioscope со сериски број 300 од Charles Urban Trade Company. Со оваа камера, позната како камера 300, најпрво ја снимиле нивната 114-годишна баба Деспина, Тоа биле првите филмски секвенци, со кои се означило раѓањето на македонската кинематографија, само 10 години по снимањето на првиот филм од браќата Лумиере.

 

Камера 300

 

            Од нивниот балкан со поглед на Широк Сокак, Милтон и Јанаки снимиле голем број филмови - најчесто документарни во кои се зборувало за сите аспекти од животот во градот под Пелистер. Освен, нивната активност со снимањето филмови и фотографирањето, тие во1921 година го прикажале и првиот филм во нивното кино Манаки - под отвореното небо на главната улица. Сепак ваквото привремено решение не ги задоволило двајцата браќа, па тие изградиле кино сала, која почнала со својата работа на 1 декември 1923 година. За жал, оваа историска градба била уништена при пожар во 1939 година.

            Браќата биле заинтересирани за оваа нова уметност и биле постојано во потрага по нови атракции и невообичаени настани. Најпрво ги снимиле етнографските настани: “Славењето на Св. Кирил и Методија на главната улица во Битола”,”Славењето на Ѓурѓовден,Градска венчавка и многу други. Подоцна, тие започнале да се интересираат за големите историски настани како посетата на султанот Мехмед Петти Рашид на Солун и Битола, парадите на турската артилерија, Младотурската револуција, посетата на Александар Караѓорѓевиќ на Битола, итн. Тоа што е типично во филмовите на Манаки е големата доза на реалност и екстремно добрата селекција на редуцирање на најважните елементи од историската реалност, одличното чувство и смисла за композиција на секвенците и нивната динамичност, креативниот избор на агли за снимање и нивната перманентна преокупација за снимање на масивни сцени, сцени на паради и спектакли.

 

                       

       Филмовите "Баба Деспина" и "Посетата на султанот Мехмед Петти Рашид"

 

            Денес во националниот архив во Македонија се зачувани повеќе од 17 000 фотографии и над 2000 метри снимена филмска лента. Браќата Манаки оставиле богато наследство со важна историска документарна вредност за Македонија во периодот во кој живееле и работеле. Во нивна чест секоја година се одржува Интернационалниот филмски фестивал "Браќа Манаки" во Битола.

 

Скулптура на Милтон Манаки

 

Следно во Космополит: Историјат - 31 година од почетокот на најпознатиот филмски фестивал - Браќа Манаки>>

 

Следно во Космополит: Фестивалот Браќа Манаки ја продолжува препознатливата традиција>>

 

   
Кирил Коровешовски

 

Веста ја прочитале 1587 посетители